Книга: Silent Spring - Rachel Carson
Превод: Тивка пролет - Рејчел Карсон
Како може интелигентни суштества како луѓето, без доволно докази за последиците, да се обидат да контролираат неколку непосакувани видови („штетници’’) со метод што ја контаминира целата околина и носи закана од болести и смрт дури и за сопствениот вид? Сепак, тоа е токму она што го направивме.
Во „Тивка пролет“ (1962), Рејчел Карсон ги сумира истражувањата и доказите за разорното влијание врз екосистемите, дивиот свет и здравјето на луѓето на разни синтетички супстанции за регулирање на „штетници’’ во агрикултурата. Меѓу нив спаѓа и најмоќниот пестицид DDT кој по Втората светска војна станува достапен и за комерцијална употреба во САД.
Во обидот на Рејчел да ги приближи науката и научните достигнувања поврзани со неконтролираната употреба на пестициди до пошироката јавност, таа ќе предизвика политичка и општествена револуција.
Како биолог и љубителка на природата, но пред сѐ и како љубителка на пишаниот збор надвор од науката, Рејчел го искористува својот талент да го испреплете научното со поетското за да ја прикаже комплексната врска меѓу луѓето и природата.
Таа маестрално спојува научни докази, студии на случај и потресни наративи за да ја илустрира меѓусебната поврзаност на сите живи суштества и кревкоста на екосистемите на нашата планета. Рејчел верувала дека човековото здравје неминовно ќе ги рефлектира и болестите и штетите на природата, нанесени токму од човекот.
Осумнаесет месеци по издавањето на книгата, Рејчел заминува од овој свет, но ова нејзино дело влијае како тивко, но моќно будење, токму онака како што се случува со природата на пролет. Барањето на Карсон за поголемо регулирање на хемиските пестициди ќе предизвика широко негодување во јавноста и ќе доведе до целосна забрана за употреба на DDT во САД. Ќе биде формирана и Агенцијата за заштита на животната средина (ЕПА).
Непоколебливата заложба на Рејчел за кажување на вистината наспроти отпорот во индустријата и личните напади служи како инспирација за еко активистите и до ден-денес, дури и 62 години по издавањето на книгата. „Не би имало мир за мене, ако премолчев сѐ што знам,’’ ѝ напишала Рејчел на една своја пријателка.