Секоја година од 2013 год. па навака, околу 24 април се спроведуваат разни активности кои имаат за цел да ја подигнат свеста за последиците од брзата мода, бидејќи тој датум претставува годишнина од колапсот на фабриката Рана Плаза во Бангладеш каде што се шиело облека за неколку брендови за брза мода. Во несреќата во 2013 год. животот го загубиле повеќе од 1100 лица, а беа повредени над 2500 работници.
Колку пати несвесно сте купиле парче облека само затоа што било евтино за потоа да заврши во некој ќош во вашиот плакар и да го облечете само еднаш или два пати годишно?
Изразот „Fast Fashion“ или „брза мода“ станува сè попопуларен во последните години како што се подигнува еколошката свест и се повеќе сè зборува за проблемите кои ги предизвикува текстилната индустрија. Брзата мода е олицетворение на голема брзина при дизајнирањето и произведувањето на облеката, ниски цени, но и низок квалитет.
Ова значи дека трговците се способни за многу краток рок да произведат огромна количина на облека и да им овозможат на потрошувачите да добијат исто така разновидни модни парчиња по многу ниска цена.
Терминот брза мода за првпат се појавува на почетокот на 90-тите, кога трговската марка „Зара“ стасува во Њујорк. Токму овој период, преку многубројните изданија на познатото списание „Њујорк тајмс“, стапува во сила терминот „брза мода“. „Зара“ е опишан како бренд кој има за цел облеката што ја создава во рок од 15 дена да помине од фазата на дизајнирање до рафтовите во продавниците, спремна за продажба. Покрај „Зара“, други брендови кои се лидери во брзата мода се и: Stradivarius, Bershka, Pull&Bear, H&M, Forever 21, Shein и многу други.
Кога би се осврнале на влијанието на брзата мода врз животната средина и природните ресурси, треба да споменеме дека текстилната индустрија придонесува за речиси 10% од вкупните глобални емисии на јаглерод. Освен тоа создава стрес на водните ресурси, ги загадува реките и потоците со боите и хемикалиите што се користат за боење на модните парчиња, додека 85% од произведениот текстил завршува на депонии.
Модната индустрија во моментов може да се израмни со употребата на пластични шишиња преку аналогијата дека перењето на алиштата од синтетички материјали ослободува околу 500 000 тони микропластика во водите секоја година, што е еднакво на 50 милијарди пластични шишиња.
Кога ќе ја направиме оваа споредба, многу е лесно да се запрашаме зошто всушност голем дел од луѓето го поддржуваат ваквиот начин на живеење, функционирање, како и купувањето на оваа облека?
Целосната маркетинг-стратегија зад брзата мода и нејзиното поддржување е да се произведува евтина и неквалитетна облека, со краток рок на траење, што би поттикнало кај купувачите повеќе купувања во текот на целата година.
Како што веќе споменав, 85% од текстилот завршува во депонии или во печки за согорување, што е штетно за човековото здравје поради емисиите кои се испуштаат во воздухот. Голем дел од оваа облека е направена од синтетички влакна, како полиестерот, на кој му се потребни околу стотици години за да се распадне.
Освен на штетните последици кои брзата мода ги има врз животната средина, би сакала да се осврнам малку и кон тоа како брзата мода ги третира работниците кои ја произведуваат облеката, како и нехуманите услови во кои тие работат.
За да ги намалат трошоците и, секако, да го зголемат профитот, многу брендови за мода прават аутсорсинг на своето производство во земји каде што работната сила е евтина, а регулативите речиси и да не постојат.
Сето ова, кога ќе се собере, резултира со лоши работни услови, ниски плати и кршење на човековите права на работниците, кои најчесто се жени.
Нешто што е жално, но важно да се каже е дека некои од работниците заработуваат само 3 долари дневно, а околу 75 милиони луѓе на светско ниво работат во текстилната индустрија. Дел од нив се принудени да работат во небезбедни и нездрави средини, каде што несреќите и пожарите се многу честа појава. Пожарот во фабриката во Бангладеш која веќе ја споменавме е последица на небезбедните услови за работа, поради која светските активисти се покренаа и го оформија движењето Модна револуција.
Како потрошувачи, ние ја имаме моќта да направиме разлика со одбирање на поодржливи модни алтернативи. Како? Можеме да го направиме тоа со купување помалку, подобро и попаметно.
Кога зборуваме за купување помалку, да го купуваме само она што ни е неопходно и што ни треба. Избегнувањето на импулсивно купување е исто така дел од купувањето помалку, бидејќи најчесто кога правиме некоја импулсивна куповна одлука, го купуваме она што е во мода и што брзо ќе исчезне.
Купувањето подобро ни овозможува да избереме поголем квалитет наместо количина и да инвестираме во облека што е издржлива, безвременска, како и етички набавена и произведена. Пазарот е мошне разновиден и е од голема важност да се побараат парчиња што се од природни, органски и рециклирани ткаенини.
За крај, би ги мотивирала сите да поддржуваат брендови кои се посветени на одржливост и општествена одговорност. Барем во време на социјални медиуми е многу лесно да се направи кратко истражување, да се пронајдат профили и бизниси што се занимаваат со продавање облека од втора рака и да се купува од нив. Можете исто така да се осврнете и кон позајмување облека за некоја свеченост или настан, сè со цел да се избегне купувањето и носењето парчиња само еднаш.
Со овој текст би сакала да ги поттикнам сите да ги преиспитаат своите постапки во однос на купувањето модни парчиња од брендови за брза мода, да откријат бизниси што промовираат поодржлива мода, и за крај да истражат повеќе за споменатите проблеми и да ги едуцираат своите блиски.
Македонскиот огранок на глобалното движење Fashion revolution започна со активности пред 9 години и од тогаш секоја година во Неделата на модната револуција организира локални настани за подигнување на свеста во однос на брзата мода и негативното влијание на текстилната индустрија. Погледнете ги и придружете се на настаните кои се случуваат оваа година.