Здраво, јас сум Елизабета Панеска, по професија сум градежен техничар и работам во градежна компанија во Скопје. Приватно, покрај домашните обврски и родителството секој слободен период го користам за творење во ликовна уметност – бидејќи така и се доживувам како уметник-аматер.
Сликањето од секогаш ми е омилена работа, која ја правам со многу љубов. Уште во основното училиште професорот по ликовно образование примети дека поставените задачи ги работам подобро од моите соученици и инсистираше да членувам во друштво на аматерски уметници КО-РА (Кочо Рацин-Скопје). Кога требаше да се определам за професија секако сакав да учам средно уметничко училиште-но за жал во тоа време таа професија на овие простори не „носеше„ егзистенција, па како блага замена го одбрав техничкото градежно каде што се учи цртање, осет за простор, размер и каде што се развива умешност за прецизност.
Сакам да експериментирам со техники, досега имам работено со акрилни бои на платно со меки пастели, но во последно време омилена ми е техниката резбање на картон. На социјалната мрежа Pinterest видов една таква слика и ми беше голем предизвик да направам нешто слично. Во таквите слики цртањето е само една фаза, а убавината е во отстранување на првиот слој на картонот каде постепено се отвара вистинскиот изглед на сликата. Првичните такви слики ги работев на искористени картонски амбалажи – користејќи ги деловите каде што нема логоа или лепаци, а инспирацијата од природата (птици, цвеќиња, пеперутки...).
Како што се усовршував во работата така си задавав посложени предизвици - портрети на познати личности каде треба да се доловат цртите – точно до препознатливост (користам слики кои исто ги наоѓам на интернет). Но, не застанав тука – предизвикот и инспирацијата ме натераа да посетам обука за да можам сама да правам слики во потребната техника (преправка на негатив од фотографија) и веќе можам да правам слики од фотографии по желба и нарачка. За портретите картонот треба да е рамен - неоштетен, непревиткуван и за таа цел набавувам табаци од една картонажа.
Токму така, многу често креативноста ја усмерувам во пренамена на материјали - од искористени амбалажи (кутии, хартија/картон, лименки, пластики и др.) рачно изработувам држачи за накит, украси, саксии, обележувачи на страници од книги, и др. Потенцијал гледам во секој материјал, предмет, на кој што мислам дека можам да му дадам друг изглед и наместо како отпад ,,да живее,, во друга форма и да му се најде друга корисна намена.
Со ваков и слични начини на рачни изработки може да се бави секој што сака убаво и корисно да си го исполни времето, секој има креативност во себе, само зависи како ќе ја усмери и колку ќе ја надградува.
Идеи има на секој чекор, освен што е корисно бидејќи се допринесува со барем еден мал процент во заштита на природата, исто така е добро и за дополнителна заработка.
На видеото подолу може да погледнте повеќе за целиот процес на изработка на еден портрет од картон.