Овој месец изминуваат 2 години и 9 месеци од отворањето на нашиот Инстаграм профил кој со текот на времето, полека, но многу органски, прерасна во платформа и движење за споделување на секакви еколошки навики, инспиративни еколошки приказни и промовирање на зелените и општествено одговорните бизниси кои секојдневно прават промена за поздрава животна средина. Нашето движење уште од самиот почеток почна да се заснова на една свесна група на граѓани кои со своето знаење, идеи, пофалби и поплаки беа желни да придонесат ова движење да добие еден колаборативен карактер. Со тоа, една од нашите главни цели стана да работиме кон вмрежување на поедници/бизниси/иницијативи за достигнување на други повисоки цели. Таа група на граѓани која постојано расте е она што денес го нарекуваме нашата еко заедница.
Живеејќи надвор од Македонија, околностите налагаат нашето движење да е поприсутно во дигиталниот отколку го реалниот простор. Така, имаме поминато часови и часови зборувајќи со најразлични луѓе за најразлични теми и идеи. Одамна ја чувствувавме потребата да се запознаеме со барем дел од овие луѓе и во живо, и тоа и го правевме на приватно со секое наше ново доаѓање во Македонија. Но освен што сакавме ние лично да се запознаеме со овие луѓе, една од најголемите желби ни беше да ги запознаеме овие луѓе меѓусебно со надеж дека тоа ќе отвори простор за создавање пред се, нови пријателства, а потоа и верба дека во Македонија се уште постојат луѓе кои имаат желба да сменат нешто кон подобро, но можеби се уште не ги нашле своите долгоочекувани сопатници.
Така, на 30ти август во Градскиот парк во Скопје, ја организиравме првата неформална дружба од затворен карактер за луѓето и бизнисите со кои најмногу имаме комуницирано и разменувано мислења од почетокот на нашето постоење.
Зошто од затворен карактер? Затоа што иако ќе беше сосема доволно да се сретнеме само на муабет, ние сакавме да извлечеме нешто повеќе од оваа средба и за активностите кои ги испланиравме моравме да ја ограничиме бројката на максимум 30 луѓе.
Почнавме со претставување на кои сме, од каде доаѓаме, што не донело тука и со што се занимаваме во моментов. Потоа секој од нас сподели една НЕеколошка навика од која се уште не можеме да се одвикнеме. Сите ги имаме таквите, нели, но првиот чекор е да бидеме свесни за истите.
Целта на оваа активност беше да ги собереме на еден куп сите еколошки производи и сервиси кои ги користиме секојдневно или повремено, и потоа истите да ги категоризираме според тоа дали се понудени од:
1.) Приватниот сектор односно бизниси
2.) Државни институции
3.) Невладини организации, здруженија или фондации
4.) Неформални иницијативи на групи или поединци
Резултатот дека еколошките алтернативни за производи и услуги кои ги користиме доаѓаат целосно од приватниот и невладиниот сектор не беа зачудувачки. Државните институции иако во одредена мера поддржуваат вакви алтернативи, се уште се далеку од понудување на јавни еколошки сервиси како што е практика во некои други земји (на пример, јавни центри за донирање на стара облека и мебел со кои може да се послужат граѓани од ранливи категории, места за рециклажа на други видови на отпад (електронски отпад, кабаст отпад итн.)).
После завршување со мапирањето на еколошките алтернативи, побаравме од учесниците да се наместат во круг и секој од нив да сподели што ставил на мапата и како тоа нешто му помага да живее поодржливо во секојдневниот живот. На пример, една од учесничките ги сподели МКЦ Битола кои имаа акција за примање на донации на точаци што веќе не се во употреба, при што ги реставрираа и донираа на лица на кои немаат средства да си купат свој точак. Во текот на споделувањето учесниците си подаваа клопче од волница при што пред да го подадат клопчето на следниот задржуваа дел од конецот за себе. Симболиката која сакавме да ја постигнеме со оваа активност е мрежата на контакти и знаења која може да се креира меѓу нас доколку сме желни да го споделиме она што го знаеме и ни е корисно во погледот на одржливо живеење, или па што мислиме дека би му било корисно на некој друг. Како што спомнавме и погоре, тоа е и всушност една од нашите главни цели и нешто во кое природно се пронајдовме со текот на времето од самото наше постоење.
Во финалниот дел од оваа работилница ги прашавме учесниците дали има некаков производ или сервис кој би им помогнал да живеат поеколошки, но се уште не е достапен во Македонија? Дел од одговорите беа следниве:
- Кога купувам храна/детергенти/производи за лична хигиена сакам и би ми било од помош доколку има продавница за рефус/рефил про-изводи во реупотреблива или сопствена амбалажа за да не генерирам отпад.
- Кога моето куче создава измет сакам и би ми било од помош доколку има подостапно биоразградливо реше-ние за собирање на изметот за да се намали користењето на пластични ќесички.
- Кога имам мебел кој не ми треба или не го користам сакам и би ми било од помош доколку има место каде штоможе да се остави или по потреба поправи за да не заврши во отпад или му послужи на некој друг.
- Кога реновирам дома сакам и би ми било од помош доколку има место каде што може да се однесе кабастиот отпад за да се намали количината на ѓубре и ако може да се добие нешто друго од тој отпад.
После официјалниот дел, продолживме на пиво и муабет каде што се запознавме подобро и си поприкажавме за се што не сме имале можност да си поприкажеме на социјалните медиуми.
Бескрајно сме благодарни на сите што присуствуваа на оваа прва наша дружба, на Мелем од вкусови за вкусната закуска што ни ја обезбедија за време на настанот, како и до тимот на Види вака кои дојдоа медиумски да го поддржат нашиот настан и да ни помогнат да се расчуе нашата приказна. Во блиска иднина се надеваме дека ќе имаме друга прилика да организираме дружба од ваков тип која ќе биде од отворен карактер и ќе може да дојде секој еден од вас кој верува дека промената почнува од самите нас.