Пролетно чистење на вашиот плакар - 3 совети кои ќе ви го олеснат овој процес

Свесни сте дека поседувате парчиња облека кои треба да се отстранат бидејќи не ги носите, но целиот процес ве плаши бидејќи не знаете од каде да почнете? Следете ги нашите совети кои ќе ви помогнат да не завршите фрустрирани при овој процес. Следете ги нашите совети кои ќе ви помогнат да не завршите фрустрирани при овој процес.
Автор: 
Yes for Less
Дата: 
July 12, 2023
Време на читање: 
3-5 min

Промена на сезони, надвор почнало да се стоплува и еден од првите проблеми со кои се соочуваме е - што да облечам? Сфаќаш дека твојата пролетна и летна облека е спакувана во некој куфер што најверојатно го чуваш под кревет, или пак на некоја недостапна полица, и те полазуваат морници кога ќе помислиш на целиот тој процес на менување на потоплата со полевтерната облека во твојот плакар.

Имаме добри вести. Ако веќе мора да поминеш низ овој процес, ти предлагаме да ја искористиш оваа шанса за чистење на твојот плакар, односно ослободување од парчињата облека кои веќе не ги носиш и само ти зафаќаат место. Зошто?

  - За да не се жалиш дека плакарот ти е полн, а немаш што да облечеш;

  - За таа кутра маичка која не е облечена со години да не помине уште една сезона фаќајќи прашина во твојот плакар;

  - За да пробаш да живееш поминималистички и само со оние парчиња облека кои навистина ти причинуваат задоволство кога ги носиш;

  - Смената на сезони е најдоброто време за да направиш ваква чистка бидејќи процесот е многу потежок кога алиштата се веќе ставени во твојот плакар и треба да ги вадиш едно по едно. На овој начин ќе може да одлучиш кои алишта ќе ги ставиш повторно во твојот главен плакар (во овој пример, од пролетно-летните) и кои алишта од есенско-зимските ќе ги вратиш во куферот или каде и да ти стојат.

Процесот на одлучување кои парчиња на облека да ги отстраните може да биде вистинска фрустрација

Добро, сигурни сме дека до сега те убедивме или бар те натеравме да помислиш дека чистка на твојот плакар е навистина одлична идеја. Но покрај тоа, сигурно веќе почнаа да ти се вртат милион мисли и прашања во глава - Имам купишта облека. Од каде да почнам? Како да одлучам од кои парчиња облека да се ослободам? Што да и правам на облеката која веќе не ми треба?

Не дозволувај паниката да те совлада и повторно само слепо да ја наредиш сета облека во плакар како што правиш секоја година. Следи ги следниве чекори и прашања за поорганизиран процес и полесно одлучување што да зачуваш, а што да отстраниш.

1. Почни со прегледување на сите алишта кои ги поседуваш

Отвори го куферот или другиот плакар каде што ти стојат пролетните и летните алишта и извади ги сите на видик, на пример на твојот кревет. Прегледај што точно поседуваш (сигурно ќе те изненади некое парче што тотално си заборавил/а дека го имаш), и подреди ги алиштата во категории, на пример: фармерки и панталони, маици, кошули, јакни итн.

2. Запрашај се - Кога последен пат го носев ова парче?

Можеби ова звучи како невозможна мисија, меѓутоа ако не можеш да се сетиш кога точно си го носел/а конкретното парче последен пат, сигурно можеш да се сетиш дали си го облекла/ол бар еднаш претходната сезона. Ако одговорот е позитивен, пробај да се сетиш дали тоа било само еднаш-два пати кога ти светнало дека одамна не си го носел/а тоа парче, или пак навистина ти причинува задоволство и си го носел/а често.

3. Доколку го немаш носено подолго време, зошто е тоа така?

Тука има многу можни одговори и потпрашања кои може да ви помогнат да дојдете до точниот одговор. На пример:

   - Не го носам затоа што повеќе не е мој стил → Нормално е нашиот стил на облекување да се менува во текот на животот, така што ако одредено парче го поседуваш со години, многу е веројатно сега веќе да не е во мода или пак да не одговара на твојот сегашен стил. Тоа што може да направиш е да го подариш на некој кој се уште го следи тој стил.

   - Не го носам затоа што веќе не ме собира или ми е големо → Дури и да не си ја променил/а својата телесна тежина, на сите ни се има случено да се заљубиме во одредено парче и да го купиме иако не ни било совршено по мерка, за потоа да сфатиме дека не го облакаме бидејќи ни е малку поголемо или малку потесно од она што сме очекувале. Во овој случај најдобро е да се помириш со фактот дека парчето облека нема да го носиш доколку не го стесниш на шнајдер (во случај да е поголемо), или пак да го дадеш на некој што му чини (во случај да ти е претесно).

   - Не го носам бидејќи ми недостасува друго парче за да можам да го искомбинирам → Таа кошула што никогаш не си ја облекла/ол бидејќи според тебе одговара само на црни фармерки, или пак тој фустан што ти стои необлечен со години бидејќи ти фалат кафеави чевли? Сите имаме по некое вакво парче во нашиот плакар, а опциите за справување со истото се или да се снабдиме со парчето кое ни фали, или пак да го донираме парчето на некој што ќе има со што да го искомбинира.

Дали ова парче облека не го носам бидејќи немам со што да го искомбинирам?

Ти препорачуваме истиот овој процес да го направиш и со есенско-зимските алишта кои веќе се во твојот плакар и кои ќе треба да ги вратиш во куферот или плакарот се до наредната сезона.

Дополнителен совет:

Последниве години ние две се стремиме кон поминималистички живот, бидејќи живеењето со помалку нешта навистина има големи придобивки. Затоа како дополнителна препорака би рекле дека најдобро е доколку можеш во истиот плакар да ги чуваш алиштата од сите сезони, наместо да одделуваш летни/зимски алишта на други места каде што нема да ти бидат на дофат и многу е веројатно дека сосема ќе заборавиш што точно поседуваш.

Yes for Less

Yes for Less e движење започнато од две девојки - Катерина Илијовска и Сара Коцевска, чија главна цел е промовирање на одржлив начин на живот, и со тоа, подигнување на еколошката свест во Македонија.

Предлог блогови за читање

Пишувај за нас!

Имаш знаење на одредена тема поврзана со екологија? Беше на некој интересен еко-настан и сакаш да ги споделиш твоите импресии со другите?
Пријави се
Text Link