Во периодот (1960-2016) емисиите на јаглероден диоксид (CO2) во светот се зголемија за 268%. Еколошката состојба на планетата Земја се влошува секоја година додека количините на испуштени емисии на CO2 во атмосферата континуирано растат и покрај сите меѓународни конвенции и политички заложби како Парискиот договор за климатски промени потпишан од страна на 196 земји во 2015 година. Седум години подоцна, во 2022 година емисиите на CO2 кои се испуштија во атмосферата преку светското производство на енергија и енергенси достигнаа рекордно ниво од 36,8 милијарди тони, зголемување од 0,9% во однос на 2021 год.
Над 86% од глобалното производство на енергија се базира на фосилни горива кои не се обновливи ресурси и предизвикуваат сериозни загадувања на животната средина. Кога говориме за главните категории на фосилни горива, нафтените деривати, односно течните горива дизел и бензин се примарни двигатели на транспортниот сектор. Според регулативата на Европската Унија за обновливи горива, минимум 14% од енергијата во горивата за патен и железнички транспорт треба да доаѓа од обновливи извори до 2030.
Биогоривата како биодизелот, етанолот и биогасот се создадени како еколошка алтернатива на фосилните горива. Овие „зелени“ горива се добиваат од обновливи извори како биомаса и органски материи притоа обезбедувајќи биоенергија која може до одреден степен да ја искористи постоечката инфраструктура наменета за фосилните горива.
Според суровините кои се користат за добивање на биогорива, постојат три типа, и тоа:
Во пракса, количините на биогорива кои се произведуваат секоја година се најчесто комбинација од првата и втората генерација бидејќи вкупните количини кои се потребни за целосна замена на фосилните горива на глобално ниво се огромни и во моментов се недостижни, додека суровините за производство на биогорива се лимитирани.
Биодизелот (FAME - fatty acid methyl ester) и обновливиот дизел од хидрогенизирани растителни масла (HVO - hydrotreated vegetable oil) се алтернативи на дизел горивото. Овие два типа на течни биогорива се произведуваат од низа обновливи биосуровини, вклучувајќи растителни масла, отпадни растителни масла и животински масти. Главните суровини кои се користат во производството на прва генерација биодизел (FAME) се растителни масла и масти како масло од репка, масло од соја, сончогледово масло, палмино масло, масло од пченка и други. Втората генерација на биодизел се произведува од отпадни растителни масла и масти (Used cooking oil - UCO), но постојат и фабрики со посебна технологија кои произведуваат биодизел од животински масла и масти.
Биодизелот може да се употребува во чиста форма со ознака Б100 во мотори и опрема каде што производителот одобрува таква употреба. Најчесто FAME се меша со обичниот дизел (7-10%) бидејќи повеќето мотори не можат да работат на чист биодизел без да се направат модификации. Мешавините од биодизел и обичен дизел се пласираат на пазарот за дизел горива кој користи систем на ознака „Б“ за да ја наведе количината на биодизел во било која мешавина на горива. На пример, мешавината 20% биодизел, 80% дизел се означува со Б20 или мешавината 7% биодизел, 93% дизел е со ознака Б7. Во земјите од Европската Унија како Австрија и Германија, Б8 во моментов е максималната мешавина дозволена за продажба на пазарот за дизел горива која е регулирана преку Директивата за квалитет на горива. Мешавините на биодизел исто така може да се користат и во опрема за греење или индустриски машинерии кои работат на дизел.
Во 2022 година светското производство на биодизел FAME достигна 40.6 милиони тони. Европската унија е најголемиот производител на биодизел FAME пласирајќи околу 9.95 милиони тони (со преку 200 активни биодизел фабрики или вкупно 48% од глобалниот пазар). На второ место е Индонезија со 9.8 милиони тони, додека САД произведуваат околу 6 милиони тони биодизел годишно. Германија е најголемиот производител од европските земји со над 3 милиони тони на годишно ниво. Во 2022 година, 96.4% од биодизелот на светскиот пазар се произведе од растителни масла како суровина, додека 3.6% од животински масти. Најголемиот дел од произведениот биодизел, односно 79% се искористи за транспорт во автомобилската и поморската индустрија, 14% за добивање на електрична енергија, додека останатите 7% за други намени.
Кога говориме за производство на обновлив дизел HVO, во 2022 година произведени се 9.4 милиони тони. Во САД се произведоа најголемите количини на HVO, односно 4.3 милиони тони. Во споредба со 2021 година, производството на HVO во САД ја надмина ЕУ за скоро 25%. Од 2014 - 2022 година светското производство на HVO се зголеми за речиси три пати, растејќи секоја година со исклучок на 2018 година.
Со вкупното производство на биодизел FAME и HVO од 50 милиони тони во 2022 година, најголемиот еколошки бенефит е тоа дека светот произведе и потроши 50 милиони тони помалку нафтено дизел гориво, додека емисиите на стакленички гасови поврзани со производството на оваа количина е намалена за минимум 50%!
Европската унија е лидер во имплементација на ефикасен систем за соодветно собирање, следливост, складирање, третман и рециклажа на отпадни растителни масла во одржлив биодизел. 18.5% од вкупните количини на биодизел произведени во ЕУ на годишно ниво се добиваат од отпадни растителни масла (UCO) како главна суровина. Тоа значи дека најмалку 2 милиони тони биодизел од отпадни растителни масла се произведуваат во Европа секоја година. Искористувањето на отпадни растителни масла како биосуровина за производство на биодизел го намалува влијанието на стакленички гасови за 88-91% и директно ја заштитува животната средина од загадување. Ваквиот пристап придонесува не само до поздрава и почиста животна средина, туку и директно го афирмира современиот концепт на циркуларна економија кој нагласува дека производите, енергијата и суровините треба да циркулирааат што подолго во економските системите додека загадувањето на животната средина да биде минимално.
Европското производство на биодизел помага да се намали годишниот дефицит на ЕУ од 17 милиони тони дизел гориво, избегнувајќи потенцијални трошоци од 10 милијарди евра за производство на фосилен дизел. Европската индустрија за биодизел е централен столб на европската биоекономија бидејќи поддржува повеќе од 248.000 работни места и претставува значаен извор на одржливо вработување во низа сектори.
Во нашата држава единствен производител на чист биодизел Б100 од нерафинирано масло од репка е компанијата Макпетрол АД. Производствениот капацитет на фабриката е 20.000 тони биодизел гориво годишно според европскиот стандард МКС ЕН 14214. Според лиценците добиени од Регулаторната комисија за енергетика, компанијата пласира мешавина Б6 на македонскиот пазар за горива според стандардот МКС ЕН 590.
За жал, кај нас не постојат стимулативни мерки и регулаторни рамки кои го поттикнуваат земјоделието и приватниот сектор за развивање на домашниот пазар за биодизел, односно за развивање на нашата локална биоекономија. Заради неповолните економски механизми и зависноста од увоз на суровини, потенцијалот за производство на биодизел не е ни приближно постигнат. Според извештајот на регулаторна комисија, во 2022 година пласирани се само 1486 тони биодизел на македонскиот пазар за горива, односно биодизелот учествува со 0.15% во вкупната потрошувачка на нафтени деривати.
Во поглед на индустријата за управување со отпадни растителни масла, во нашата држава постои модерен систем за собирање и рециклирање на овој био-отпад. Компанијата Суниленс од 2009 година развива колекторска мрежа низ целата држава за соодветно собирање на отпадните растителни масла од индустријата и домаќинствата. Отпадот кој го собира професионален колекторски тим минува низ современ технолошки процес на загревање, филтрација и декантирање за да се добие чиста еко-суровина која се користи во производство на одржлив биодизел UCOME. На годишно ниво, Суниленс собира и рециклира 700-800 тони отпадни растителни масла кои по третманот се извезуваат во рафинерии за биодизел во европските земји. За да може да ја обавува својата дејност, компанијата е дел од системот за сертификација, следливост и одржливост на индустријата за биомаса и биогорива на европско ниво ISCC EU.
Дознај повеќе на следниов линк или директно пријави се со пополнување на оваа форма во еко-хуманитарниот проект „Рециклирај и донирај“ за да придонесеш во развојот на циркуларна економија во нашата земја преку собирање и рециклирање на отпадни растителни масла.
Доколку научи нешто ново од оваа статија и си заинтересиран/а да дознаеш повеќе за темата, прочитај го целосниот текст на Андреј Ѓокиќ каде има поопширни информации за биодизел, како и за други алтернативни горива како биоетанол, биогас итн.