5 причини зошто треба да го замениш твојот пластичен брич со метален

Многу од навиките на нашите баби и дедовци биле eco-friendly по самата своја природа, без таква намера. Таква една навика и скоро заборавена традиција е користењето на метален брич.
Автор: 
Марко Гапо
Дата: 
July 12, 2023
Време на читање: 
3-5 min

Многу од навиките на нашите баби и дедовци биле eco-friendly по самата своја природа, без таква намера. Таква една навика и скоро заборавена традиција е користењето на метален брич (safety razor) со двостран жилет. Иако овој алат совршено ја врши својата работа уште од ХIX век, за жал со текот на времето е заменет со покомерцијалните пластични бричеви за неколкукратна употреба кои се попопуларни, но не и подобри.

Пластичните бричеви често имаат 2-4 сечила поради што предизвикуваат иритација при бричење. По неколку користења се фрлаат и мора да се купи нов брич или нови патрони, а со тоа непрактично се трошат пари и непотребно се загадува природата поради тоа што пластиката не е биоразградлива. При бричење често се случува и дел од влакната да се заглават меѓу сечилата што ги прави и тешки за чистење и одржување. Да не зборуваме колку пати сме се исекле…‍

“Потребно е навикнување првите неколку дена бидејќи различно се користи од пластичен брич, но по една недела веќе станува лесно и нема да сакате да се вратите на пластични.”

Металниот брич е поскап на почеток, но е еднократна инвестиција која се исплатува долгорочно. Еден жилет трае долго и пакетче резервни жилети може да се најде дури и за 50 денари на пазар. Поради дизајнот речиси е невозможно да се исечеш. Не за џабе има safety во името. Потребно е навикнување првите неколку дена бидејќи различно се користи од пластичен брич, но по една недела веќе станува лесно и нема да сакате да се вратите на пластични. И да бидеме искрени, самото користење на ваков брич е многу померачко. Металната конструкција, тежината и традиционалниот изглед си го прават своето.  Во прилог издвојуваме 5 главни причини зошто префрлањето од пластичен кон метален брич е добра идеја.

5 причини зошто треба да го замените вашиот пластичен брич со метален

1. Долготрајност  

Металните бричеви најчесто се изработени од нерѓосувачки челик и не содржат никаков вид на пластика. Тоа овозможува тие да траат со години, бидејќи единствениот дел кој може да рѓоса и треба повремено да се заменува е жилетот.

Постојат различни видови на дизајн на металните бричеви, а некои од нив освен од нерѓосувачки челик се направени и во комбинација со дрво

2. Поекономично за вашиот џеб  

Иако металниот брич е поголема инвестиција на почетокот, потоа треба да се заменуваат само жилетите кои одат во пакетче од повеќе парчиња што на пазар чини 50-100 денари. Доколку земете предвид дека пластичниот брич треба да се менува на секои 1-2 месеци, а металниот брич трае најмалку 5-10 години, тогаш инвестицијата се исплати на подолг рок.

3. Безбедно бричење

Начинот на кој металниот брич е смислен и издизајниран не дозволува вашата кожа да дојде во допир со оштрите ќошеви на жилетот, при што се оневозможува исекување со истиот. Единствено што треба да внимаваме е при промена на стариот жилет со нов.

4. Може да го користат и мажи и жени  

Металниот брич функционира во отстранување на влакната од сите делови на телото и е погоден за употреба како од страна на мажи, така и од страна на жени.

Металните бричеви се одлична алтернатива за пластичните како за мажите, така и за жените

5. Придонесувате за помалку отпад и почиста животна средина

Иако пластичните бричеви не се само за една употреба, сепак нивниот животен век е краток и најчесто после фрлање завршуваат на депонија, дел затоа што стапката на селектирање отпад во нашата земја е многу мала, а дел затоа што некои од овие бричеви воопшто не може да се рециклираат бидејќи пластичниот дел не може да се одвои од металниот. Така што, металните бричеви не само што се подобри за твојот џеб, туку и секој пат ќе се бричиш со помислата дека си направил еден мал чекор кон помалку отпад.  

Време е металните бричеви да направат камбек!

Марко Гапо

Марко Гапо е активист и ко-основач на еколошкото движење ''За почиста Македонија'', чија главна цел е проширување на свеста за еколошки начин на живот и ослободување на Македонија од ѓубре.

Предлог блогови за читање

Зелената Арка и Бостание: како градинарството промовира одржливо живеење
Имавме голема чест да разговараме со еден од основачите, Димитар Самарџиев, којшто ни раскажа нешто повеќе за Зелената арка која е граѓанската организација, здружение на граѓани или невладина организација основана во 2007. Исто така ни објасни и за општествената градина Бостание која е резултат од проектот на Зелената арка „Развивање на прва урбана градина во Град Скопје“. Во овој разговор ќе дознаеме повеќе за нивната инспирација, мисија и визија за иднината. Ќе откриеме заедно како започнало се, кои се предизвиците со кои се соочуваат и какви совети имаат за сите нас. Подгответе се за кратко читање и инспирација од нив за создавање на поголеми еколошки навики.

Пишувај за нас!

Имаш знаење на одредена тема поврзана со екологија? Беше на некој интересен еко-настан и сакаш да ги споделиш твоите импресии со другите?
Пријави се
Text Link