АРНО официјално го отвори петтиот RISE повик за поддршка на млади социјални претприемачи и најави настан за петок 13-ти на кој социјални претприемачи ќе дискутираат колку е важно да се има знаење, но и среќа во градењето на бренд. Од АРНО апелираат до сите млади кои имаат идеја за бизнис кој прави добро за животната средина и за луѓето, да аплицираат на RISE повикот со своите тимови најдоцна до 20-ти септември преку пополнување на пријава. Преку програмата младите можат да добијат парична поддршка од 2500 евра, обуки, менторство и поврзување со млади од регионот. Сите кои се заинтересирани за социјално претприемништво и програмата RISE можат да дојдат на настанот во петок да постават прашања на инфо-сесијата, да се стекнат со бесплатни прирачници за социјално претприемништво, и да добијат колаче со порака.
„ Се одлучивме да направиме поинаков настан за да ги охрабриме младите. Свесни сме во какви неизвесни времиња живееме и сакаме искрено да зборуваме за социјалното претприемништво, и зошто се потребни програми со знаење и секаков вид на поддршка. И така, токму на петок 13-ти во 17 часот во КОТУР, АРНО ќе промовира алатки за социјални претприемачи и ќе има го одбележи денот (озогласен како несреќен) преку разговор и дружба со локални социјални претприемачи Александра Бела од УРМА, Кристиан Шопов (Еко-магионичар и Среќотворец) и Магдалена од Лице в лице. Овие настани се важни затоа што градиме заедници, не сме тука од денес за утре, туку за многу нови генерации. Покана до сите да дојдат, треба само да пополнат формулар за да знаеме и колку колачиња со порака да направат од Амброзија-социјален бизнис од Неготино од претходната програма на RISE.“ изјави Стефани Пренкова од АРНО.
Програмата RISE на регионално ниво поддржа вкупно повеќе од 500 млади и 175 идеи од Западен Балкан и се гордее на успешните социјални бизниси кои го привлекоа вниманието на граѓаните и медиумите како светли примери дека бизнисите можат да прават добро за природата, за заедниците, да се инклузивни, грижливи и оперативни истовремено. Преку RISE млади луѓе од регионот основаа социјални бизниси кои преку изработка на облека и модни додатоци интегрираат жени-бегалки во Србија (Women on the way), овозможија планинарски тури за промоција на локален алтернативен туризам и поддршка на локалното население во Валона, Албанија (Reality Escapers), основаа кетеринг служба во Неготино со работна интеграција на жени со помалку можности (Амброзија) и многу други успешни приказни.
Проектот RISE е ко-финансиран од Француската агенција за развој (АFD), Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) и Еразмус + програмата на Европската Унија. RISE е предводен од конзорциум составен од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), ГРУПА СОС Пулс (SOS Pulse Group) и Француско-германската канцеларија за млади (ОFAJ), а имплементиран од шест локални инкубатори – АРНО (Македонија), Балканска Зелена Фондација (Косово)*, Нешто више (Босна и Херцеговина), Смарт Колектив (Србија), ИЕЦ Технополис (Црна Гора) и Социјален Бизнис ЈУНУС (Албанија).