Македонскиот тим BioHide произведува биокожа од комбуха

Три млади девојки со револуционерна идеја која излегла од нивниот дом - биокожа од комбуха како алтернатива на животинската кожа. Нивната иновација веќе им донесе неколку награди на локални натпревари, а тимот моментално ги спрема првите прототипи на свои производи.
Автор: 
Yes for Less
Дата: 
May 2, 2024
Време на читање: 
3-5 min

Како дојдовте до идејата за производство на биокожа од комбуха? Што всушност претставува комбухата за оние што не знаат, и како откривте дека од неа може да го произведувате овој биоматеријал?

Комбуха е напиток направен од ферментиран чај и комбуха колонија позната како SCOBY (symbiotic culture of bacteria and yeast). Ова е напиток кој е познат во повеќе култури и многу се цени поради здравствените придобивки. Кај нас се знае како бабски напиток. И баш така за време на короната баба и на Бисера си правеше комбуха напиток, и го видовме потенцијалот во скобито и почнавме да работиме со целулозата која подоцна станува нашата биокожа. Со нашата идеја прв пат се појавивме на хакатонот Biohack my world, во Отворена Градска Лабораторија. Добивме доста позитивни критики и со насоки и советување од нашата менторка, професорката Јана Клопчевска почнавме да работиме на развивање на материјалот.

„И баш така за време на короната баба и на Бисера си правеше комбуха напиток, и го видовме потенцијалот во скобито и почнавме да работиме со целулозата која подоцна станува нашата биокожа.“

Кој е тимот позади идејата за Biohide? Раскажете ни на кратко за вас како личности и како вашето досегашно искуство и знаење придонесе за настанувањето на оваа идеја.

Ние се дружиме скоро цел живот. Јас (Надица) и Ангелина се знаеме од основно училиште. А со Бисера се знаеме од средношколските денови. Заедно преку дружба и пасија да направиме промена на околината и да помогнеме во еколошката војна, ние со спојување на нашите три струки (ПМФ, Технолошки факултет и Машински факултет), креиравме нов материјал – веганска кожа од комбуха. Нашата мисија е да го револуционираме начинот на користење на материјалите. Ако ја фрлиш нашата кожа, само ке ја нахраниш земјата. Нашето мото е From nature for nature, и се гордееме со нашата циклична продукција и генерирањето на 0 отпад. Покрај кожата, нашиот втор продукт е чај од комбуха и хибискус кој го пиеме сите дома.

Членовите на тимот BioHide ја пичираат својата идеја пред жирито на натпреварот за социјално претприемништво RISE Journey од АРНО

Дали имаме домашни компании кои во Македонија произведуваат производи од кожа? Кои се вашите планови во однос на вашите први потенцијални клиенти што сакате да ги таргетирате?

Моментално немаме домашни компании кои прозведуваат кожа, но има многу кои произведуваат производи од кожа и сме во контакт со неколку од нив. Првиот продукт би бил од нашата прва линија на материјали - BioHide, и би биле мали продукти за нашите клиенти да се запознаат со текстурата на новиот материјал. Би сакале понатака да се разграниме и да работиме со повеќе видови на материјали, па првата линија ја посветивме на кожа од комбуха.

Кои се предностите на биокожата од комбуха во споредба со кожата од животинско потекло? Дали оваа биокожа ги има истите својства како и традиционалната кожа и може да се искористи на производи како чевли, ташни и слично?

Поради начинот на производство, користењето на овој вид на кожа значително ја намалува потребата за животински производи и ресурси и е комплетно веганска. Физичките карактеристики се слични на традиционалната кожа па може да се употребува за разни производи од новчаници до седишта за автомобил. Убавината на нашата кожа е што поради третирањето со природни состојки и отсуството на штетни хемикалии, може да се употребува во повеќе индустрии од традиционалната кожа. Баш имаме размислувано за здрава пробиотска линија на играчки за џвакање за миленичиња. Од нашата комбуха може да се направи буквално се’ ... 😊

Освоивте награди на два натпревари за бизнис идеи на кои добивте финансиски средства и менторска поддршка за развивање на идејата. Што значат за вас овие искуства? Во кој степен на развојот на идејата сте моментално и кои се вашите следни планови?

Најискрено би рекле дека нашите ментори се најзначајните средства што ги имаме. Нивното советување и поддршка ни значат многу и го прават патот кон претприемништвото многу полесен. Искуствата се многу значајни за нас и секој натпревар и хакатон е вежба за наше подобрување.
Моментално сме во фаза пред лансирање на нашиот прв производ – ограничен број на привезоци од биокожа. Сакаме да изградиме заедница која е еколошки свесна и совесна, и полека да почнеме да ги заменуваме материјалите кои прават штета на нашата природа. Наша цел е да најдеме замена на пластичните ќеси и пакувања за една употреба и да донесеме еколошка алтернатива на најкористените материјали.

Тимот BioHide меѓу тројцата победници на четвртото издание на натпреварот RISE Journey

Какво е влијанието што сакате да го постигнете со вашата идеја, кон животната средина, општеството и локалната економија?

Нашата визија за иднината вклучува создавање на онлајн платформа посветена на продажба на биоматеријали каде што купувањето на биополимери и биокожа ќе биде достапно за сите. Нашата идеја има потенцијал позитивно да влијае на локалната економија преку давање поддршка на локалните производители и мали бизниси. Со барање на локални добавувачи на сировини и соработка со локалните заедници, помагаме во засилувањето на локалната економија и создавањето на работни места. Нашата најважна мисија е да го намалиме импактот на загадувањето најмногу што можеме, и да им дадеме одмор на животните од суровоста на кожната индустрија, one SCOBY at a time.

Yes for Less

Yes for Less e движење започнато од две девојки - Катерина Илијовска и Сара Коцевска, чија главна цел е промовирање на одржлив начин на живот, и со тоа, подигнување на еколошката свест во Македонија.

Предлог блогови за читање

Зелената Арка и Бостание: како градинарството промовира одржливо живеење
Имавме голема чест да разговараме со еден од основачите, Димитар Самарџиев, којшто ни раскажа нешто повеќе за Зелената арка која е граѓанската организација, здружение на граѓани или невладина организација основана во 2007. Исто така ни објасни и за општествената градина Бостание која е резултат од проектот на Зелената арка „Развивање на прва урбана градина во Град Скопје“. Во овој разговор ќе дознаеме повеќе за нивната инспирација, мисија и визија за иднината. Ќе откриеме заедно како започнало се, кои се предизвиците со кои се соочуваат и какви совети имаат за сите нас. Подгответе се за кратко читање и инспирација од нив за создавање на поголеми еколошки навики.

Пишувај за нас!

Имаш знаење на одредена тема поврзана со екологија? Беше на некој интересен еко-настан и сакаш да ги споделиш твоите импресии со другите?
Пријави се
Text Link